Чаби Алонсо веќе три пати го одбил Баерн Минхен

Баерн Минхен ја официјализираше летната разделба од Томас Тухел и веќе ја почна потрагата по нов тренер, а јавна тајна е дека на врвот на листата со желби се наоѓа Чаби Алонсо, стратегот што со Баер Леверкузен е на добар пат да ја прекине бундеслигашката доминација на баварскиот гигант.

Алонсо како играч настапуваше во дресот на Баерн што беше сметано за предност на германскиот гигант во трката со Ливерпул, но последните информации говорат дека Шпанецот не делува премногу заинтересирано за преселба на „Алијанц Арена“. Воедно, медиуми блиску до Баерн денеска обелоденија дека Алонсо веќе три пати во последните неколку години ја одбил уоравата на Баерн во обидот да го донесе овој фудбалски генијалец назад во Минхен.

Првиот пат во 2017 година, кога Чаби ја заврши својата кариера, а Баерн беше во потрага по нов спортски директор по заминувањето на Матијас Замер. Алонсо беше меѓу првите на листата, но тој без размислување ја одби понудата истакнувајќи дека сака да почне тренерска кариера, и тоа од младинската школа на Реал Мадрид.

Во 2019 година повторно младиот Шпанец беше поврзуван со баварскиот гигант, откако доби понуда да му биде прв асистент на Нико Ковач. Чаби ја почна таа сезона како предводник на Б-тимот на Реал Сосиедад, трпеливо градејќи ја тренерската кариера и повторно му кажа НЕ на Баерн Минхен.

Во 2021 Хасан Салихамиџи директно го контактираше Алонсо, нудејќи му да седне на клупата на вториот тим на Баерн, што Чаби без размислување го одби. Тој продолжи да работи со Б тимот на Реал Сосиедад до мај 2022 година, неговата екипа испадна во понизок ранг на натпреварување, но Алонсо беше решен да се испроба на сениорско ниво.

Се останато е историја – во октомври 2022 година тој ја прифати понудата на Баер Леверкузен, лани со овој тим стигна до полуфиналето во европските купови, а сезонава бележи неверојатни резултати, не знае за пораз во сите натпреварувања и е на добар пат да се закити со титулата во Бундес-лигата.

Се вчитува...