Баер Леверкузен си обезбеди место во историјата завршувајќи ја сезоната во Бундес-лигата без ниту еден пораз, но тоа не е крај на предизвиците за тимот предводен од Чаби Алонсо.
„Фармацевтите“ ги очекуваат битки за уште два трофеја до крајот на сезонава, од кои првата е закажана за утревечер, во Даблин во финалето од Лигата на Европа против Аталанта. Алонсо е оптимист дека неговиот тим ќе продолжи со добрите изданија и ќе стигне до првиот европски пехар во клупската историја.
„Среќни сме што сме во финалето, а наша желба е да го освоите пехарот. Покажавме извонреден карактер во полуфиналето со Рома, но по тој реванш на играчите во очите им се гледаше дека сакаат уште повеќе. По една ваква сезона, заслужуваме да освоиме три трофеи, иако знаеме дека против себе ќе имаме исклучително квалитетен противник“, изјави Алонсо.
Последен меч за Баер Леверкузен сезонава ќе биде големото финале од Купот на Германија, каде „фармацевтите“ се огромни фаворити во дуелот со второлигашот Кајзерслаутерн, меч закажан за 25 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА