Реал Мадрид донесе огромно засилување за наредната сезона потпишувајќи договор со Серхио Родригез, одличниот шпански плејмејкер кој по шест години пауза се враќа во таборот на „кралевите“. Искусниот 36-годишен кошаркар последните три сезони ги мина во дресот на Олимпија Милано, но реши пред крајот на кариерата да се врати назад во таборот на Реал, тим каде со голем успех настапуваше во периодот од 2010 до 2016 година.
По заминувањето од Мадрид тој се пресели во Филаделфија, потоа го носеше и дресот на ЦСКА Москва, по што замина во Олимпија Милано. Чачо Родригез беше поврзуван со камбек во Реал и минатото лето, но тогаш на идејата се спротивстави тренерот Пабло Ласо. Откако Ласо летово го напушти кормилото на „кралевите“, претседателот Флорентино Перез експресно постигна договор со кој Родригез би останал во Реал до крајот на кариерата.
Тој ќе го заземе местото во тимот што му припаѓаше на Томас Ертел, кој беше избркан од Реал Мадрид поради недисциплина покажана во текот на сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА