Чаир го растури Кожув

Чаир лесно и убедливо славеше на првиот натпревар од новата сезона, во која скопскиот прволигаш на домашен терен го пречека тимот на Кожув (99-79). Гостите настапија без најголемото засилување Фран Пилепиќ кој се уште нема добиено сертификат за да може да настапува во мак-баскетот, па тимот од Гевгелија не можеше да издржи цел натпревар во високо темпо против Чаир. Андрија Стевановиќ одигра натпревар за паметење со 39 поени за Кожув, но без помош од остатокот од тимот гостите не можеа да се надеваат на позитивен резултат на оваа средба.

Кожув беше тимот што доминираше во првата четвртина, по израмнетите 15-15 гостите направија серија од 11-0, па го завршија овој дел од мечот со водство од 20-28. Чаир успеа да се врати во вториот период, на одмор се замина со резултат 40-41, за третиот период да мине во знакот на атомскиот напад на домаќините. Чаир во овие десет минути постигна дури 30 поени и стигна до двоцифрено водство, кое до самиот крај дополнително го зголеми до конечните „плус 20“.

Американците на Чаир беа во главна улога, Мофит постигна 26, а Кели 22 поени, додека најефикасни кај Кожув беа Стевановиќ со 39 и Колевсо 16 поени.

Се вчитува...