Кошаркарите на Чаир во петтото коло ја забележаа четвртата победа во Првата лига, славејќи на гостински терен против Академија ФМП со резултат 74-107. Очекувано, гостите рутински ја оправдаа фаворитската улога против „фенерџијата“ на табелата, кој е единствен тим без триумф по првите пет рунди, воедно и главен кандидат за испаѓање од елитното друштво.
Доминацијата на Чаир почна од првата минута, па веќе во четвртата минута гостите преку Крстајиќ стигнаа до првото двоцифрено водство (2-14). До крајот на четвртината Чаир веќе водеше со 10-32, практично решавајќи го прашањето на победникот за само десет минути игра. Остатокот од мечот мина во рутинско одржување на предноста, гостите во вториот период имаа и 31 поен позитива (18-49), по што покажаа милост кон индиспонираниот противник, го намалија темпото и без мака го добија овој меч со убедливи 74-107.
Корберт постигна 24, Крстајиќ 22 поени, но ќе остане запаметен настапот на Мустафица, кој оствари трипл дабл од 14 поени, 12 скока и 10 асистенции. Најдобар поединец во таборот на ФМП беше Лука Петровски со 21 постигнат поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА