Првото коло во новата календарска година го донесе и првото поголемо изненадување во Супер-лигата, откако Чаир на гостински терен го совлада фаворитот Куманово со резултат 71-76. Дуелот беше доигран денеска откако вчера беше прекинат по само две минути поради лизгавиот терен во салата во Куманово, а во целата ситуација подобро се снајдоа гостинските кошаркари кои со одлично издание стигнаа до заслужена победа.
Чаир уште до самиот почеток стави до знаење не само што не е дојден да капитулира, туку и почна да доминира на теренот, гостите ја добија првата четвртина со 13-21, а потоа и набрзина поведоа со 13-25. На одмор се замина со предност на Чаир од 40-46, позитива што гостите умешно ја чуваа во текот на третата четвртина. Кумановци покажаа карактер, успеаја да се вратат и израмнија на 70-70 на помалку од минута до крајот. Сепак, Тачи ја постигна клучната тројка за 70-73, домашниот тим до крајот промаши четири обиди за тројка, по што Чаир заслужено се радуваше на победата, изразена со конечните 71-76.
Стурдиван беше прв стрелец на победничкиот тим со 20 поени, три помалку имаше Четмен, додека кај Куманово клучна фигура повторно беше Урош Луковиќ со 23 поени, 8 скокови и 3 блокади.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

