Чаирчани веќе во следното коло: „Покер“ на Цефас, „петарда“ на Шкупи

Екипата на Шкупи веќе може да размислува на дуелот со бугарски Левски во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции, откако денеска на гостински терен со убедливи 0-5 ја совлада екипата на Хегелман. „Петарда“ во мрежата на Литванците, зачинета со „покер“ голови на Роландо Цефас, кој беше апсолутен херој на натпреварот.

Иако не беше изразит фаворит, во некои најави и мал аутсајдер, сепак, Шкупи демонстрираше квалитет и уште по првиот меч го обезбеди пласманот во следната рунда.

Цефас своето гол-шоу го започна во 11. минута, а на вториот гол не се чекаше многу. Во 23. минута Куевен зголеми на солидни 0-2, најавувајќи ја победата на тимот од Чаир. До крајот на полувремето Цефас се погрижи да биде поубедливо – 0-3, резултат со кој се замина на одмор, а Шкупи требаше само да ја доврши работата.

И не застанаа избраниците на Чихат Арслан, додадоа гас и во вториот дел постигнаа уште два гола за уште поубедлив триумф. Цефас најпрво во 56. минута донесе 0-4, а шест минути подоцна и „петарда“ во мрежата на Литванците.

Реваншот во Скопје ќе биде само формалност. Шкупи треба да го потврди пласманот во 2. квалификациско коло. Арслан може да си дозволи и да игра со комбиниран состав.

Се вчитува...