Хакан Чалханоглу ја потврди лојалноста кон Интер откако турскиот интернационалец ја одбил понудата што ја доби од раководството на Баерн Минхен. Баварците сака да го ангажираат Турчинот како нов предводник на средината од теренот, му понудија четиригодишен договор за плата од осум милиони евра плус бонуси, но Чалханоглу на крајот реши да ја одбие оваа понуда иако во Интер моментно заработува 6,5 милиони евра по сезона.
Италијанските медиуми информираат дека Турчинот за ваквата одлука најпрвин ги информирал челниците на Баерн, кои чекале зелено светло од фудбалерот пред да почнат разговори со неговиот клуб. Чалханоглу веднаш потоа ги известил и раководните луѓе во Интер, кои не го криеле задоволството од лојалноста што ја покажал Турчинот кон клубот чиј член е од 2021 година, кога пристигна како слободен играч од градскиот ривал Милан.
Баерн е решен да донесе засилување за средниот ред, а по пропаднатите преговори со Интер баварскиот гигант повторно ќе го насочи вниманието кон Палниња од Фулам. Овој фудбалер беше желба на Томас Тухел минатото лето, трансферот пропадна поради доцнење на документацијата, па останува да се види дали баварците повторно ќе седнат да преговараат со лондонскиот клуб кој лани инсистираше на отштета од 60 милиони евра за својот најдобар играч за врска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА