Чалханоглу: Поразот од Сити пред две години ќе ни послужи сега да го кренеме пехарот во ЛШ

Интер го остави зад себе разочарувачкото последно коло во Серија А што значеше губење на трката за скудетото, па „нероаѕурите“ погледите експресно ги насочија кон финалето на Лигата на Шампионите што в сабота го играат против ПСЖ.

Ова е второ европско финале за Интер во последните три години, откако во 2023 беа поразени од Манчестер Сити со 0-1, меч од кој Хакан Чалханоглу тврди дека се извлечени бројни поуки што ќе бидат искористени во самиот дуел за европскиот трон.

„Пред тоа финале емоциите беа посилни, бидејќи беше прво финале за речиси сите наши фудбалери. Не би рекол дека изгоревме во желбата, но дефинитивно тоа придонесе да не бидеме на посакуваното ниво, да не одиграме стопроцентно онака како што знаеме и умееме. Го оставивме срцето на терен, но не беше доволно. Таа лекција е научена и ќе ни помогне да славиме против ПСЖ. Сега имаме и искуство и квалитет, грешките кои ги правевме во Истанбул пред две години нема да бидат повторени. Ги почитуваме сите противници, како што тоа беше случај со Баерн и со Барселона, сега имаме максимален респект и за ПСЖ. Фокусирани сме и веруваме дека ќе дојдеме до пехарот што сите толку многу го посакуваме“, истакнува Чалханоглу.

Долго време се говореше за напад на тројна круна, но Интер најпрвин беше елиминиран од Милан во Купот на Италија, по што следеше загубеното скудето од Наполи. Така, сега реална е опасноста да се остане без ниту еден трофеј цела сезона доколку се претрпи пораз в сабота.

„Имавме неколку дена да минеме со семејствата, да се освежиме и да ги избистриме главите. Секако дека болеше што не го освоивме скудетото, но тоа само ја прави нашата желба за победа во ЛШ уште поголема“, оптимист е турскиот плејмејкер во таборот на „нероаѕурите“.

Се вчитува...