Сонот за Европското првенство на македонската кошаркарска репрезентација ќе потрае, бидејќи во одлучувачкиот натпревар против Естонија, избраниците на Тодоров успеаа да слават со 84-86, но со недоволна разлика за пласман на големото континентално натпреварување. „Црвено-жолтите“ одиграа лошо во првото полувреме во кое не функционираа одбраната и нападот, а и покрај добрата игра во вториот дел од натпреварот во која Македонија успеа да ја превземе предноста, не успеа да победи со повеќе од девет поени разлика.
Важноста на натпреварот го зема учинокот на почетокот на средбата со оглед на тоа што двата тима го отворија натпреварот во грч, а први иницијативата ја превземаа Естонците. Добрата одбрана од играта „два на два“ на нашата репрезентација го наруши протокот на топката кај „црвено-жолтите“ и ги натера избраниците на Тодоров на изгубени топки кои „сино-белите“ умешно ги користеа. Високите играчи на Естонија создаваа проблеми во нашиот рекет и ја неутрализираа контролата на скокот, а згора на тоа ги служеше и шутот од далечина па поведоа со 27-18 по 10. минути игра. Агресивната добрана на Македонија на отварањето на втората четвртина вроди плод и ги натера Естонците на изгубени топки, кои „црвено-жолтите“ ги реализираа на спротивната страна, меѓутоа „сино-белите“ брзо ги консолидираа своите редови и ја вратија големата предност. На крилјата на Бојан Трајковски, Македонија се одржуваше во игра до полувремето, но набргу најискусниот репрезентативец ја заработи и третата лична грешка па Естонија ја одржуваше „комотната“ разлика, која на полувремето изнесуваше 49-38.
Македонија со свежа доза на енергија влезе во продолжението од натпреварот, агресивната одбрана на нашиот тим создаде проблеми во редовите на Естонија, а на крилјата на фантастичниот Вајли, „црвено-жолтите“ брзо ја стопија големата предност на Естонија (52-46). Добрата игра во нападот продолжи до крајот на третата четвртина, но на моменти повторно потфрли одбраната, па по 30. минути игра на семафорот стоеше негатива од шест поени (69-63). Во последната четвртина, Македонија постојано бркаше негатива, а благодарение на одличната енергија на Ненад Димитријевиќ на 102 секунди пред крајот во превземавме водството (80-81), меѓутоа прекасно за достигнување на потребната разлика за пласман на Европското првенство.
Ненад Димитријевиќ повторно беше предводник на Македонија, овој пат со 23 поени и 5 асистенции, додека Бојан Трајковски додаде 21 поен и 6 скоока. Џејкоб Вајли оствари дабл-дабл учинок од 18 поени и 14 скока, додека како двоцифрен со 10 поени, 4 скока и 4 асистенции натпреварот го заврши и Андреј Магдевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА