Ненад Димитријевиќ ги минува последните месеци во тимот на Олимпија Милано, откако македонскиот репрезентативец не доби шанса да ги докаже своите квалитети во италијанскиот евролигаш. Информациите од Италија говорат дека иако нашиот ас има уште најмалку една година од договорот, тој сепак летово ќе ги промени клупските бои, заминувајќи во екипа каде би имал позначајна улога.
За потсетување, Димитријевиќ имаше две извонредни сезони во дресот на Уникс Казањ, период во кој стигна и до две МВП-признанија и една титула во силната ВТБ-лига, што беше знак дека е подготвен за големиот предизвик наречен Евролига. Сепак, се чини дека изборот на клуб не беше најпогоден, Еторе Месина важи за еден од најтрофејните, но и најтешките за соработка тренери во елитното натпреварување.
Димитријевиќ беше одличен на почетниот турнир во Супер-купот на Италија, но како што одминуваше времето така и неговата улога во тимот се минимизираше, за Месина воопшто да не го вклучи Македонецот во составот за последната евролигашка средба со Црвена Звезда, иако Димитријевиќ воопшто не е повреден.
Се е подготвено за летен трансфер, Нено мирно ја чека разврската и ги разгледува опциите. Сигурно, желба е повторно да биде дел од Евролигата, а не се исклучува и можноста за камбек во Русија, особено ако се реализираат најавите за камбек на руските клубови во елитното европско натпреварување од идната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА