Чао тути…И ние „Италијанци“ имаме…Пандев и Трајковски го средија Буфон

ЕКИПА во Торино, Италија

Никола Ѓуровски

Македонската фудбалска репрезентација оствари големо реми (1-1) против Италија во Торино, во претпоследниот натпревар од квалификациите за СП во Русија. „Италијанската врска“ Горан Пандев – Александар Трајковски одигра акција од учебниците во 77.минута, па ниту гранитната одбрана на „аѕурите“ не можеше да стори ништо повеќе освен да аплаудира. Бонучи беше минат како брз воз, а Буфон „пробушен“ по силниот удар на Трајковски од десната страна.

Италија поведе во 39.минута, со голот на Џорџо Кјелини, откако Чиро Имобиле го проигра од левата страна. Но, Македонија покажа дека има квалитет и дека не се плаши да се надигрува со големите.

Првата шанса на натпреварот ја создадооа Италијанците во седмата минута. Инсиње проигра двојно со Имобиле, излезе сам пред Столе Димитриевски, но голманот на македонскиот национален тим со одличен рефлекс ја сочува мрежата.

Возврати нашиот капитен Горан Пандев десет минути подоцна. Сам си направи простор со одличен потег, шутираше од 14 метри, но Буфон беше на вистинското место. Македонија одлично го покриваше просторот пред својот шеснаесетник, Инсиње се обиде од далечина по половина час игра, но ја испрати топката далеку, речиси на трибините.

Italija - Makedonija 6

Во 35.минута, Пароло му подготби убава можност на Инсиње, а тој со удар со глава шутираше многу попрецизно, но директно во добро поставениот Столе Димитриевски.  Две минути подоцна, Давиде Запакоста имаше одлична шанса, се уфрли од десната страна, но шутираше очајно, во бековски стил.

Италија нападна посилно, и тогаш попушти нашата одбрана. Чиро Имобиле побегна по левата страна, уфрли во средината, а дефанзивецот Џорџо Кијелини се најде во улога на реализатор како централен напаѓач.

На одмор се замина со минимална предност за Италија.

Македонија тргна поофанзивно во вториот дел, иако немаше директна закана кон Буфон до 65.минута. Тогаш Спировски шутираше од далечина, но италијанскиот голман одбрани без проблеми.

Нововлезениот Александар Трајковски продре по десната страна во 73.минута, центрираше, но италијанската одбрана расчисти во последен момент, пред Алиоски.

Trajkovski radost 2

И тоа беше најава за израмнување. Во 77.минута, Горан Пандев со совршена топка го послужи Трајковски, тој влезе во шеснаесетникот од десната страна и го совлада Џанлуиџи Буфон.

Македонија носи голем бод од Торино, ја продолжи серијата без пораз во последните три меча, и зема залет за повторно да го совлада Лихтенштајн в понеделник во Струмица.

ИТАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА  1-1  (1-0)

Олимписки стадион во Торино. Гледачи: 22.000. Судија: Тијаго Мартинс (Португалија). Стрелци: Кијелини 39’ (Италија), Трајковски 77’ (Македонија). Ж. Картони: Спировски, Хасани (Македонија), Пароло (Италија).

ИТАЛИЈА: Буфон, Запакоста, Кијелини, Бонучи, Барѕалји (46’ Ругани), Дармијан, Галјардини (75’ Кристанте), Пароло, Инсиње, Верди (63’ Бернардески), Имобиле.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велкоски (75’ Зајков), Алиоски, Спировски, Барди, Радески, Хасани (63’ Трајковски), Пандев (79’ Тричковски), Несторовски.

Се вчитува...