Поразот на Барселона во Билбао и елиминацијата од Копа дел реј е доволен повод за повторно да се интензивира кампањата за смена на Чави Хернандез, откако тренерот на каталонците е потенциран како еден од главните виновници за слабите игри и резултати на тимот сезонава.
На Чави во прилог не му оди ниту фактот дека стана шпански тренер со најмногу порази на чело на Барселона, но поранешниот капитен уште еднаш потенцираше дека не стравува од отказ.
„Разочарани сме бидејќи загубивме, бидејќи ја имавме победата во рацете, но не успеавме да ја задржиме. Сепак, тоа е куп-натпреварувањето, еден дуел без шанса за поправен, јас сепак сум горд од начинот на кој игравме, од младите играчи кои настапија и ја оправдаа мојата доверба. Отказ? Мирен сум, знам дека ја имам поддршката на управата. Впрочем, се уште сме во игра за најважните трофеи“, изјави Чави.
Барса и во Билбао почна катастрофално, примајќи гол во првата минута, нешто што на каталонците им се случи по третпат оваа сезона.
„Постојат моменти на недоволна концентрација, како да не влегуваме во средбите доволни концентрирани. Фудбалот е игра во која се греши, но нашиот проблем е што ги повторуваме истите грешки. Сепак, мислам дека имавме многу повеќе позитивни работи во Билбао отколку негативни. Верувајте, Барса има светла иднина и тука не говорам само за мене, туку за сите оние млади играчи кои блескаат во овој дрес“, прокоментира стратегот на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

