И покрај финансиските проблеми Барселона ова лето успеа да го засили својот тим со ангажман на неколку искусни фудбалери кои тренерот Чави смета дека можат многу да му помогнат на тимот во амбицијата – атакот на сите можни титули.
Шпанскиот стратег верува дека „на хартија“ неговиот тим изгледа одлично, новите засилувања Феликс, Кансело, Гундоган, Ромеу и Мартинез можат многу да му донесат на тимот, но потребно е и да се вклопат коцките од сложувалката.
„Презадоволен сум од сработеното во трансфер-прозорецот. Пред самиот крај, успеавме да ги доведеме Кансело и Феликс и тоа е навистина одличен потег на нашата управа. На хартија изгледаме моќно, но се уште не можам да прогнозирам дали ќе бидеме подобри од минатата сезона.
Секако дека сакаме да бидеме успешни на сите фронтови и ќе дадеме се од себе за да ги оствариме зацртаните цели. Барселона е тим кој секогаш атакува на титули, па се надевам дека и сезонава ќе биде така. Навивачите се задоволни од трансферите, но и целиот стручен штаб.
Го посакувавме Жоао Феликс и конечно го доведовме кај нас. Мислам дека тој одлично ќе се вклопи во целокупната „слика“ на теренот. Кансело е искусен фудбалер, има освоено многу трофеи, а истиот случај е и со Гундоган. Одиме понатаму, се надевам дека сите заедно ќе славиме нешто големо по истекот на сезоната“, изјави Чави.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

