Чави Хернандез, тренерот на Барселона беше видно разочаран од исходот против Баерн, па истакна дека неговиот тим заслужил повеќе на дуелот на „Алијанц Арена“. Каталонците петти пат во низа со наведната глава заминуваат по дуелите со „баварците“ во ЛШ, а така беше и синоќа по поразот од 2-0.
Чави по натпреварот потенцираше дека без оглед на се’, фановите треба да бидат горди на овој тим.
„Се чувствувам разочарано, бидејќи ова беше ноќ за победа. Но, јас сум горд и на тимот. Сепак, на крајот на денот, сè е до победувањето и мора да бидеме подобри во клучните моменти. Мора да имаме и подобра реализација. Примавме голови кога го имавме натпреварот под контрола. Мора да извлечеме поуки од овој дуел“, изјави Чави.
Кога се зборува за голови, сите помислуваат на Роберт Левандовски, кој на последните пет натпревари постигна девет гола. Но, во Минхен имаше големи шанси, кои не ги искористи.
„Левандовски немаше свој ден. Емоциите го совладаа и тој не беше толку ладен во завршниците како што е обично“, додаде Чави.
Барселона е изедначена на второто место во групата со тимот на Интер, тим со кој ќе се сретне во следното коло во Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

