Чави Пасквал: Не смееме да ги потцениме Македонците, имаат нов тренер и огромен мотив

Ракометарите на Е. Пелистер, по бодот со Фредериција во Битола, утре од 18:45 часот гостуваат на Веспрем во Унгарија во нов меч од Лигата на шампионите.

Сосема е јасно дека Веспрем е голем фаворит, иако тренерот на Унгарците, Чави Пасквал, вели дека има максимална почит за македонскиот тим.

„Македонците неодамна го сменија тренерот и веројатно им треба време да се прилагодат на новата поставеност. Но, од друга страна тоа значи и далеку поголем мотив за борба против секој тим. Пелистер во тимот го има и Ашем Мамдух, со кого е  многу посилен. Верувам дека новиот тренер поставил нови тактики и сигурно ќе има промени во играта за дуелот со нас“ – вели Пасквал и дополнува:

„Јасно е дека имаат потенцијал, и индивидуално со Усама Хосни кој е одличен во еден на еден и има сигурен шут од далечина, но и Филип Кузмановски кој е навистина фантастичен играч, и Никола Митревски на голот. Не треба да се залажуваме дека ќе биде лесно, мора да ги почитуваме сите наши противници. Играме дома и секако многу ни е важно освојувањето на овие два бода. Потребна ни е поддршка и од навивачите. Ќе мора да дадеме 100% од нас за да победиме“.

Веспрем по осум одиграни меча во Лигата на шампион е прв на табелата со седум победи и еден пораз, додека македонскиот шампион е со четири бода на шестата позиција.

Се вчитува...