ЕКИПА во Клуж,
Билјана Б.Петрушева
Шпанскиот тренер во селекторска улога во Романија, Чави Пасквал и пред денешниот реванш од баражот за СП 2019 во Клуж, повторно потенцираше дека Македонија и Романија се две селекции на различно ниво. Резултатот на првиот меч во Скопје на кој македонските ракометари славеа убедлива победа (32-24) го покажа тоа, но Пасквал најави дека Романија денеска сепак, ќе се бори за победа пред својата публика, независно од тешкиот пораз во Скопје.
„Мислам дека на првиот натпревар јасно се виде разликата меѓу двата тима во моментов, но нашата интенција е да бидеме што поблиску. Но, реалноста е таа што ја видовме. Ние бевме инфериорни во сите фази од играта и резултатот само ја потврди разликата меѓу двете репрезентации. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да победиме на денешниот дуел во Клуж. Знаејќи ја тежината на ваквите дуели и квалитетот на Македонија, ќе се бориме со сите сили за победа“ – изјави Чави Пасквал на прес-конференцијата пред денешниот втор натпревар со Македонија.
Според Пасквал, она што најмногу им недостасува на романските репрезентативци е искуство на натпревари од вакво ниво.
„ Нашите играчи немаат искуство на вакви натпревари. Во Скопје поведовме со 2-0 и ја контролиравме играта во првиоте минути, но дисконекцијата меѓу играчите, придонесе целиот тим да го загуби ритамот бидејќи ни недостасува воиграност и искуство. Ни недостасуваат натпревари на вакво ниво, доколку нашите играчи играат почесто вакви дуели сигурно би биле многу поблиску до нив“ – вели Пасквал
Романците, лани го ангажираа славниот шпански тренер во обид да ја врати машката ракометна репрезентација на Романија на големата сцена. Лани тоа не им успеа во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска, а во овој бараж далеку се и од пласман на СП 2019.
Натпреварот Романија – Македонија се игра денеска во Клуж, со почеток во 17.30 часот по македонско време. Победникот во баражот обебзедува пласман на СП 2019 во Германија и во Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА