Барселона славеше убедливо на гостувањето против Елче за уште еден чекор напред кон шампионската титула, меч што го одбележа одлуката на тренерот Чави да експериментира со Ерик Гарсија. Станува збор за класичен дефанзивец кој ја доби улогата на последен играч за врска на местото на Бускетс и одлично одговори на предизвикот, држејќиги конците во играта на Барса.
Во ситуација кога Барса има премногу дефанзивци, а поради проблеми со буџетот тешко дека ќе може да доведе нов играч на местото на Бускетс (најавено е дека летово ќе си замине од „Камп Ноу“), Гарсија може да се покаже како одлична опција за каталонскиот гигант.
„Моја работа е да му помогнам на тимот, ќе играм секаде каде што тренерот ќе го побара тоа од мене. Фактот дека тренерот веруваше во мене многу ми помогна, мислам дека добро ја завршив работата“, скромно изјави Гарсија.
Чави пак заслугата за овој успешен експеримент му ја упати на директорот Жорди Кројф, кој му ја дал идејата за смена на позицијата на Гарсија.
„Да бидам искрен, тоа беше идеја на Жорди Кројф. Ми кажа дека Ерик има квалитети да стане одличен играч за врска, решивме да се обидеме. Пред два дена игравме пријателски меч зад затворени врати и ми се допадна она што го видов, претходно го тестиравме неколку месеци одвреме навреме. Секако дека сум задоволен, мислам дека Гарсија може да биде одличен играч за врска“, прокоментира Чави.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

