Барселона славеше со 2-1 на големото дерби со Реал Мадрид, практично запечатувајќи ја трката за титулата ако се знае дека каталонскиот гигант сега има дури 12 бода предност во однос на „кралевите“.
Чави со право беше горд на својата екипа, Барса одигра одличен натпревар, создаде бројни шанси и на крајот успеа да слави со голот што го постигна Кеси во самиот финиш.
„Клучно беше да не ги губиме топките на средината на теренот и на тој начин да му дозволиме на Реал да контролира. Во првото полувреме бевме извонредни, во второто на моменти патевме, но сепак успеавме да стигнеме до резултатот што го посакувавме. Имаме 12 бода предност, но Ла Лига не е завршена, мораме да продолжиме во ист ритам. Време е да им се одаде почит на овие фудбалери, кои беа критикувани во изминатиот период. Серџи Роберто, не знам што би кажал, во секој друг тим би бил голем ас, овде луѓето само го критикуваат. Вистината е дека Роберто е пример за сите, работи напорно и кога игра и кога не е редовно на теренот“, изјави Чави.
Карло Анчелоти по мечот ги критикуваше судиите поради поништениот гол на Асенсио за минимален офсајд, но Чави имаше одговор за својот колега.
„Офсајдот? Па имаше офсајд, се виде на снимката, Анчелоти ме изненади со своите изјави. Не сакам повеќе да разговарам за тоа, резултатот е заслужен. Затоа го сакам ВАР, бидејќи со него резултатите секогаш се почесни“, прокоментира шефот на стручниот штаб на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

