Глобалната пандемија на коронавирусот го парализираше светот, а секако не е имун ниту фудбалот кој едвај егзистира во неколку држави каде во моментот не е „забранет“. Сепак, сите големи лиги во Европа и во светот се суспендирани, ситуација што секако го загрижува првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин. Тој вели дека во првата можност кога ќе добие дозвола, фудбалот ќе се врати и верува дека ќе го релаксира светот, дури и ако во прво време може да се следи само преку ТВ екраните.
„Фудбалот ќе донесе емоции и задоволство кај очајните фанови кои се затворени во домовите. Тоа е дефинитивно јасно, спортот може да биде психолошки лек за луѓето во овие тешки моменти за светот. Го чекаме првиот знак од државите дека фудбалот може да се врати на терените и тоа ќе го сториме веднаш. Предност ќе имаат националните првенства, но веруваме дека ќе се заокружи сезоната во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа. Стадионите ќе бидат празни, не смееме толку многу да ризикуваме со здравјето на луѓето, но фудбалот да се врати и само преку ТВ екраните, ќе го релаксира светот. Националните селекции се планирани од септември, дотогаш сите се надеваме дека глобалната битка со коронавирусот ќе биде остварена. И фудбалот, како и се друго во животите на луѓето, нема да биде ист, но ќе мора сите заедно да се прилагодиме“, изјави претседателот на УЕФА во интервју за „Corriere della Sera“.
Раководството на УЕФА за оваа седмица планира уште еден видео-состанок со сите земји членки, на кој ќе ги добие сите информации и ќе донесе нови одлуки околу продолжението на фудбалската сезона во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА