Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја критикуваше состојбата на стадионите во Италија.
Шефот на европската фудбалска централа разговараше со „Медиасет“ пред реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите помеѓу Интер и Барселона .
„Мислам дека инфраструктурата на италијанскиот фудбал е срамота. Вие сте една од најголемите фудбалски земји, освоивте Светски првенства, Европски првенства, Лиги на шампиони, но во исто време имате најлоша инфраструктура од големите земји“, рече Чеферин.
„Уморен сум од овие дискусии за италијанската инфраструктура бидејќи слушам само зборови. Се надевам дека Италија ќе направи нешто. Клубовите имаат потреба од помош од владата, од локалните власти, па дури и од приватни инвеститори. Време е за акција бидејќи ситуацијата е многу лоша“, додаде тој.
Чеферин беше прашан дали состојбата на стадионите го загрижува во пресрет на ЕУРО 2032, кое треба да се одржи во Италија и Турција.
„Сè уште не сум загрижен. Мислам дека владата сега сфати дека треба да се преземе нешто. Имам голема доверба во Габриеле Гравина, кој е мој прв потпретседател. Тој ќе направи сè што е можно. Сигурен сум дека Италија ќе биде домаќин на Европското првенство во 2032 година“, одговори тој.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

