Чеферин ја потврди заканата: Кој фудбалер ќе игра во Супер-лигата, нема да смее да игра на ЕВРО

Преседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја потврди заканата до сите фудбалери кои ќе настапуваат за клубовите во новоформираниот проект наречен Супер-лига на Европа, дека ќе им биде забранет настапот за своите репрезентации на ЕП и СП.

„Оној фудбалер кој ќе игра во Супер-лигата на Европа, нема да може да настапува за своите репрезентации на светските и на европските шампионати. Решени сме сите заеднички да се бориме против овој проект“, истакнува Чеферин, не наведувајќи дали ваквата забрана ќе се однесува на членовите на 12-те клубови „одметници“ за ЕВРО 2020.

Првиот човек на европскиот фудбал потоа жестоко ги нападна челниците на Јувентус и на Манчестер Јунајтед, Андреа Ањели и Ед Вудворд.

„Бев адвокат за криминално право 24 години, но немам видено вакви луѓе. Вудворд ми се јави во четвртокот за да ми каже дека е задоволен од реформите што ги предложивме, иако веќе имал потпишано сосема поинаков документ. Немаме видено поголем лажго во животот од Андреа Ањели, тој ми е најголемо разочарување. Се гледавме толку често, зборувавме во саботата и очигледно е дека се што ми кажа е лага. Алчноста дефинитивно ги менува луѓето“, порача Александар Чеферин.

Се вчитува...