Пред официјалното отворање на новиот објект на ФФМ во рамките на „Куќата на фудбалот“, претседателот на УЕФА Александар Чеферин потенцирајќи го огромниот напредок на македонскиот фудбал изминатава година нагласи дека сега е дојдено време и за успеси на А репрезентацијата.
„Македонија го привлече вниманието со успесите на младата репрезентација и на селекциите до 17 и до 19 години. Тоа многу зборува дека ФФМ силно вложува во младите категории што е клучно за фудбалската игра. Но, сето тоа е сега можност и за подобри резултати на А репрезентацијата. Му кажав и на Илчо дека сега веќе нема можност за алиби, Македонија преку Лигата на нации има одлична можност да игра на Европско првенство. Се наоѓа во добра група и Македонија мора да ја искористи таа шанса“ – рече Чеферин на денешното отворање на сместувачките капацитети на Академијата на ФФМ.
Словенецот притоа не заборави да потенцира дека од Македонија последнава година излегуваат постојано позитивни приказни, а една таква е и онаа за малиот Јане Велковски…
„Кога сум тука во Македонија може да ја спомнам и приказната на Јане Велковски која покажа и како фудбалот може да биде инспирација и кога животот носи многу потешки искушенија“ – рече Чеферин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА