Чеферин: Нема да брзаме со ВАР во Лигата на шампионите

УЕФА нема да брза со воведувањето на ВАР системот се додека не бидат поставени цврсти и прецизни правила, најавува претседателот на Европската фудбалска федерација, Александар Чеферин. Тој не е многу импресиониран од бенефитите што ги донесе овој новитет на Светското првенство во Русија.

„Не сме уверени во ВАР. Работите мора да се разјаснат. Кој решава дали ќе се гледа ВАР ? Видео-судијата или главниот судија? Навивачите и новинарите не го разбираат тоа. Што гледаат судиите, а што не ? Знаеме дека еден ден ќе биде неопходен, но кога ќе бидеме подготвени. Во овој момент ВАР-системот не е подготвен за Лигата на шампионите, бидејќи тоа не е турнирско натпреварување, туку се игра подолг период низ цела Европа. Велат дека ВАР бил успех на СП во Русија, но јас не се согласувам целосно. Па зошто немаше очигледен пенал за Србија, а се свиреа удари од белата точка за многу помали контакти. Како што реков, има премногу нејаснотии и се додека ситуацијата не биде подобра ние нема да брзаме“ – вели Чеферин.

Ова значи дека дека ВАР-системот нема да биде користен во четвртфиналето од шампионската лига како што имаше најави.

„Потребни ни се правила. Некои помошни судии не правеа ништо на СП во Русија, само чекаа некој да им каже од ВАР-собата дали е офсајд или не. Еден судија ми рече дека во моментот на голем инцидент, го ставил прстот во уво за да не слуша никого“ – обаснува претседателот на УЕФА.

Светското првенство во Русија беше првиот голем фудбалски настан на кој ВАР-системот влезе во употреба. Од оваа сезона веќе почна да се користи и во шпанската Примера, а од лани беше дел и од Бундес-лигата и од италијанската Серија А.

 

 

Се вчитува...