Челси е нов лидер, Алиоски и Лидс не можеа до ново чудо

Челси ја прекина серијата на одлични натпревари на Лидс Јунајтед против екипи од горниот дел на табелата, совладувајќи го тимот на нашиот Езгијан Алиоски со 3-1. Воедно, трите бода од овој меч помогнаа составот на Френк Лампард најмалку еден ден да мине на врвот на табелата, со еден бод предност пред Тотенхем и Ливерпул, кои утре ги играат своите натпревари од ова коло.

Лидс одлично го почна натпреварот, откако Бамфорд ја претвори првата шанса на мечот во гол по неполни четири минути игра. Алиоски имаше одличен шут при 0-1 што заврши во дирекот, но голот во секој случај немаше да биде признат бидејќи судиите подоцна покажаа дека еден од фудбалерите на Лидс се наоѓал во офсајд.

Тимо Вернер пропушти неверојатна шанса да израмни, но затоа поумешен од него беше Оливие Жиру, кој погоди за 1-1 во првото полувреме. Вториот дел мина во доминација на „сините“, кои најпрвин поведоа преку Зума, за потоа со голот на Пулишиќ во судиското продолжение да стават печат на големиот триумф.

Се вчитува...