Челси во последните две години трошеше богатство на нови фудбалери, во меѓувреме се мачеше да ги продаде играчите од постоечкиот играчки кадар, па лондонскиот клуб сега се соочува со огромен проблем за да избегне санкција од Премиер-лигата. Имено, „минусот“ од 200 милиони фунти што Челси го пријави за последните две години не е толку голем проблем за милијардерот Боели колку што е правилото на Премиер-лигата, дека клубовите мора да го почитуваат финансискиот ферплеј и не смеат во рок од три години да имаат загуба повисока од 105 милиони фунти.
Ова практично значи дека Челси ќе мора да продаде фудбалери за најмалку 100 милиони фунти, и тоа до крајниот рок за оваа натпреварувачка сезона (30 јуни), за во новата сезона да може да влезе со чисти сметки. Во спротивно, на лондонскиот клуб му се заканува одземање на бодови, како што тоа му се случи на тимот на Евертон оваа сезона поради сличен проблем во работата во последните неколку сезони.
Првите луѓе на клубот се во небрано и во наредните месеци ќе работат активно на продажба на фудбалерите на кои Покетино не смета сериозно. Прв на листата за продажба е Ромелу Лукаку, кој е на позајмица во Рома, но „волчицата“ поради проблемот на Челси ќе се обиде да ја намали сумата од 35 милиони евра за откуп што стои во договорот за позајмица.
Голманот Кепа исто така не е дел од плановите на Покетино и ќе биде ставен на продажба, но тоа нема да оди лесно ако се знае дека има огромна плата од договорот со Челси, а Кепа не блеска ниту за време на позајмицата во Реал Мадрид. „Сините“ би го продале и голманот Санчез кој минатото лето дојде од Брајтон, но не импресионираше со формата, а последните месеци ги пропушти поради повреда на коленото.
Албанецот Броја е уште еден играч на кого Покетино не смета, тој е на позајмица во Фулам, но „сините“ се надеваат дека уште во текот на оваа сезона ќе го договорат летниот трансфер на овој голгетер. Меѓу оние кои би можеле да си заминат е и Мадуеке, како и Хол и Мадсен кои се наоѓаат на позајмици во редовите на Њукасл, односно Борусија Дортмунд.
Најголема вредност на пазарот има Конор Галахер, од кого Челси би можел да заработи 50 милиони фунти, но проблем е што неговиот договор истекува во јуни 2025 година, па заинтересираните клубови се подготвени да чекаат цената да падне пред да тргнат во официјални преговори.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА