Менувањето на агентот од страна на Роберт Левандовски беше најава за бура во Баерн Минхен. Дел од медиумите тврдат дека Полјакот веќе ги известил челниците на баварскиот гигант за својата желба на крајот на сезонава да си замине од „Алијанц арена“, за да може германскиот шампион со време да ја стартува и потрагата по негов наследник.
Со оглед на фактот дека станува збор за голгетер од највисока класа, јасно е дека врвните европски клубови ќе се вклучат во трката за негов ангажман, но како што јавуваат полските медиуми, Левандовски е најблизу до трансфер во Челси. Имено, „сините“ се подготвени за мини-ремонт во текот на летото, за кога е најавено заминување на Конте, но и на Алваро Мората, кој воопшто не ги оправда очекувањата по заминувањето од Реал Мадрид. Воедно, Роман Абрамович ќе има доволно средства за да го купи Левандовски со оглед на фактот дека е најавена и продажба на Еден Азар во Реал Мадрид, па Полјакот би ја добил улогата на лидер во „новиот Челси“.
Интерес за овој голгетер покажува и Реал Мадрид, но Полјакот е втора опција за Флорентино Перез, по Хари Кејн од Тотенхем. Исто така се најавува и мега-понуда од Манчестер јунајтед, но Левандовски не сака да замине во тим со преголема конкуренција во нападот, а „ѓаволите“ веќе во своите редови ги имаат Лукаку и Алексис Санчез, како и Марсијал и Рашфорд.
Што се однесува до Баерн, баварскиот гигант најверојатно ќе се насочи кон голгетерот на Лајпциг, Тимо Вернер, кој важи за најдобар млад германски напаѓач.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА