Резултатската криза на Челси уште повеќе се продлабочи откако лондонскиот клуб претрпе уште еден пораз, овој дефинитивно најсрамен ако се знае дека „сините“ загубија на домашен терен од „фенерџијата“ Саутемптон со 0-1. Менаџерот Потер повторно експериментираше со составот по бројните зимски засилувања, но тоа му се одмазди, па Челси се мачеше да наметне ритам во првото полувреме.
Саутемптон единствениот гол го постигна во судиското продолжение од првиот дел, кога Ворд Прауз со маестрален слободен удар го матираше голманот Кепа.
„Сините“ тргнаа во офанзива во вториот дел, а „резервистот“ Стерлинг ја пропушти најубавата шанса, кога од два обида од непосредна близина не успеа да го матира голманот на Саутемптон. Поради тешката повреда на Азпиликуета второто полвуреме беше продолжено за дури 13 минути, но и тоа беше недоволно за Челси да постигне израмнувачки погодок, за огромно разочарување на домашните фанови на „Стемфорд бриџ“.
Челси по денешниот пораз останува на десеттото место на табелата, со огромно заостанување зад екипите кои водат битка за излез во фудбалска Европа наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

