Челси цврсто чекори кон шампионската титула во Премиер – лигата, а лондонскиот клуб веќе се подготвува и за засилување на тимот за настапот во Лигата на шампионите следната сезона. Најдобриот стрелец Диего Коста најверојатно ќе го напушти „Стемфорд бриџ“ во летниот преоден рок, а Антонио Конте веќе има испланирано замена. Се работи за Андреа Белоти, напаѓачот на Торино и италијански репрезентативец, кој докажа дека е врвен голгетер и во моментов можеби е најбараниот централен напаѓач, заедно со Роберт Левандовски.
Англискиот премиерлигаш е подготвен да плати 80 милиони фунти за услугите на Белоти, сума што Торино веќе ја одреди како отштета доколку некој клуб сака да го купи нивниот напаѓач. Тоа значи дека на раководството на „сините“ од Лондон му останува да ги договори и личните услови на самиот фудбалер во летниот преоден рок и да го реализира овој голем трансфер.
Но, за Андреа Белоти се интересираат и Баерн Минхен, Реал Мадрид и Интер, па Челси ќе има навистина сериозна конкуренција за негов ангажман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА