Челси го слави Маунт, Рашфорд е трагичар на Манчестер Јунајтед

Челси ја забележа и четвртата победа во низа во Премиер-лигата откако тимот на Грем Потер славеше со 0-2 на гостувањето против Астон Вила. Мејсон Маунт беше херојот на Челси на оваа средба постигнувајќи ги двата гола, првиот по големата грешка на Мингс, а оној вториот – вистинско ремек-дело од слободен удар. Мора да се истакне и одличното издание на голманот Кепа, кој спречи зицер на Мингс од пет метри при резултат 0-1.

Манчестер Јунајтед ремизираше 0-0 на домашен терен против Њукасл, меч што Тен Хаг реши да го почне со Роналдо во стартниот тим, но Португалецот не успеа да стори ништо повеќе во противничкиот шеснаесетник. Јунајтед имаше многу среќа во првиот дел кога Жоелинтон во рок од само неколку секунди ги погоди гредата и дирекот од голот на Де Хеа, а трагичар на „црвените ѓаволи“ беше Маркус Рашфорд, кој промаши зицер во 95. минута, со глава од пет метри шутирајќи крај дирекот.

Саутемптон и Вест Хем ремизираа 1-1, „светците“ први поведоа преку Перо, додека бод за „чеканите“ спаси капитенот Деклан Рајс.

Се вчитува...