Челси реши да отвори дисциплинска постапка против својот капитен Енцо Фернандез и да го суспендира аргентинскиот фудбалер по изјавите што ги даваше во изминатиот период, најпрвин по поразот и елиминацијата од ПСЖ од Лигата на Шампионите, а потоа и за време на репрезентативната пауза.
Во изјава за аргентинските медиуми тој говореше за незадоволството од игрите и резултатите на Челси, отворено флертувајќи со Реал Мадрид изјавувајќи дека би било убаво да живее во главниот град на Шпанија. Ваквиот однос очигледно им дојде преку глава на челниците на Челси, кои се решија да го суспендираат Фернандес за следните две средби, четвртфиналето од ФА Купот против Порт Вејл но и дербито со Манчестер Сити во следното премиерлигашко коло.
„Разговарав со Енцо пред еден час. Му соопштив дека луѓет од клубот заедно со мене како дел од процесот, донесовме одлука тој да не игра утре, како и да не биде во тимот за дуелот со Сити следната седмица. Разочарувачки е капитенот така да говори. Јас за него како личност не можам да кажам лош збор, но ги мина сите граници во погледн на нашата култура како клуб и моравме да реагираме, да биде санкциониран“, изјави менаџерот на Челси, Лијам Росениор.
Ваквиот развој на настаните го турка Фернандез кон излезната врата од „Стемфорд бриџ“, и тоа во ситуација кога Реал Мадрид најавува летна офанзива за потписот на Аргентинецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

