Челси избра: Нагелсман доаѓа на преговори и потпис, Луис Енрике извиси

Јулијан Нагелсман ќе биде изборот на Челси за нов менаџер на тимот почнувајќи од следната сезона, информираат неколку англиски медиуми. Според нив, газдата Тод Боели го повикал Нагелсман лично да пристигне во Лондон, на финални разговори по што би следел и потпис на договорот што ќе биде на најмалку три години.

„Сините“ се во потрага по нов менаџер за наредната сезона откако го отпуштија Грем Потер, а во меѓувреме како привремено решение го ангажираа Френк Лампард за последните два месеци од сезонава. Лампард продолжи со слабите резултати што тимот ги бележеше под водство на Потер и јасно е дека нема да добие долгорочен договор, а во игра покрај Нагелсман се наоѓаше и Луис Енрике.

Германецот сепак има предност поради новиот спортски директор на Челси, Кристофер Вивел, кој своевремено беше директор на Лајпциг додека Нагелсман седеше на клупата на овој тим во 2020 и во 2021 година. Токму аргументите на Вивел биле пресудни за Боели да го избере Германецот пред Луис Енрике, а се очекува договорот да биде официјално потпишан во деновите што следат.

Се вчитува...