Поразот од Динамо Загреб му пресуди на Томас Тухел, кој денеска доби отказ од менаџерската функција во Челси. Лондонскиот клуб не се прослави во текот на летниот преоден рок, Тухел не успеа да го извлече максимумот од тимот што го имаше на располагање и на стартот од премиерлигашката сезона, па новиот американски газда Тод Боили реши да се раздели со стратегот кој пред нешто повеќе од една година му ја донесе втората европска круна во историјата на Челси.
Изненадувачки, главен фаворит во трката за нов стратег на „сините“ од Лондон е актуелниот менаџер на Брајтон, Грем Потер. Станува збор за тренер кој досега нема работено во врвен клуб, но кој според Боили е идеален за предводење на новиот фудбалски проект на Челси. Американскиот милијардер веќе го контактирал Потер, преговорите се уште се во почетна фаза, но газдата на Челси би сакал работата да ја заврши во наредните 48 часа, за новиот тренер да може да го води тимот веќе на саботното гостување против Фулам.
Во прилог на Челси оди и фактот дека Потер во договорот со Брајтон има откупна клаузула во висина од 16 милиони фунти, што му овозможува на лондонскиот клуб да го потпише новиот тренер без да бара согласност од неговиот сегашен тим.
Доколку не се договорат со Потер, челниците на Челси вниманието ќе го насочат кон Покетино, Лев, Сампаоли и Биелса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

