Челси на екскурзија во Казахстан: Со 12 младинци во тимот, на ледени „минус 17“ против Астана

Челси има максимални 12 бода по првите четири рунди во Лигата на Конференции, а во ситуација кога приоритет станува Премиер-лигата („сините“ се моментно втори на табелата), јасно е дека гостувањето против Астана доаѓа во најлош можен момент за англискиот гигант.

Патувањето до Казахстан беше долго 11.265 километри, а проблемите се зголемија по слетувањето во оваа земја, каде фудбалерите на Челси ги дочека студ од минус 20 степени. Прогнозата вели дека за време на натпреварот температурата ќе изнесува неверојатни минус 17 целзиусови степени, па јасно е дека главна цел на Мареска ќе биде да се избегнат повреди на фудбалерите.

Впрочем, токму затоа италијанскиот стратег реши на оваа екскурзија“ во тимот да вклучи дури 12 фудбалери од младинскиот тим. Кол Палмер воопшто не игра во Конференциската Лига, исто како и Мадуеке и Лавија, поради повреди во тимот нема да бидат ниту Фофана, Мудрик, Жоао Феликс и Рис Џејмс, додека Италијанецот Каседеи е суспендиран, а Мареска реши дома да ги остави и Колвил, Нкунку, Каиседо…

Од поискусните, во тимот се наоѓа Португалецот Нето, потоа голманот Филип Јоргенсен, како и Дисаси, Чуквуемека, Дузбери Хол… па останува да се види дали Челси со ваков „крпен тим“ ќе успее да стигне до позитивен резултат против Астана.

Се вчитува...