Челси инвестираше сериозно во засилување на навалната линија откако ги потпиша Зијеш од Ајакс и Тимо Вернер од Лајпциг, а во завршна фаза се и преговорите со Баер Леверкузен за Каи Хаверц. Сепак, на Френк Лампард му е јасно дека за тимот да му биде со шампионски амбиции неопходно ќе биде решение на проблемот со одбраната, па менаџерот на „сините“ подготвува ремонт и на овој дел од екипата.
Весникот „Тајмс“ јавува дека Лампард ставил на трансфер-листа четири одбранбени фудбалери, со цел да собере доволно пари за да може да донесе нови дефанзивци на „Стемфорд Бриџ“. Левите бекови Маркос Алонсо и Емерсон Палмиери се наоѓаат на излезна врата, а Челси е во исчекување на понуди и за Курт Зума и за Андреас Кристенсен, кои не се вклопуваат во тактичките замисли на Лампард. Според истиот извор, доколку биде добиена интересна понуда зелено светло за заминување би добил и Нголо Канте, кој беше фантастичен под водство на Конте и на Сари, но сезонава не блескаше. Речиси сигурно е заминувањето на голманот Кепа, но проблем е што никој нема да даде ни половина од оние 80 милиони евра што Челси ги плати за да го доведе шпанскиот чувар на мрежата од Атлетик Билбао.
Приоритет по трансферот на Хаверц ќе биде носење на нов врвен голман, а Лампард сака во Челси да го доведе Ник Поуп од Барнли. Доколку си заминат Алонсо и Палмери сигурно ќе биде ангажиран и нов лев бек, со Бен Чилвел од Лестер како приоритет на стратегот на „сините“, додека за нов „командант на одбраната“ за наредната сезона се споменува Диего Годин, кој ќе биде достапен за мала отштета откако не се снајде најдобро во Интер по трансферот од Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

