Челси ќе тргне на турнеја во Кина и Сингапур на почетокот од следната седмица, но Антонио Конте нема да ги земе во тимот двајцата стандардни фудбалери од ланската сезона, Диего Коста и Немања Матиќ. Шпанскиот голгетер и српскиот играч за врска се фудбалерите за кои веќе извесно време се шпекулира дека ќе си заминат од „Стемфорд бриџ“, а Конте се надева дека што поскоро ќе ги продаде двајцата играчи за да отвори место за нови засилувања во тимот.
Коста, кој беше главен напаѓач на Челси минатата сезона, одби богат трансфер во Кина инсистирајќи на камбек во Атлетико Мадрид. Шпанскиот прволигаш веќе ги договори и личните услови со Коста, но не успева да најде заеднички јазик со Челси околу висината на отштетата.
Што се однесува до Матиќ, Србинот сака да замине кај Жозе Мурињо во Манчестер јунајтед, но Челси го блокира овој трансфер во знак на незадоволство по загубената битка од „ѓаволите“ за Ромелу Лукаку. Интер веќе подготви 30 милиони евра за Матиќ, а сериозен интерес постои и од Јувентус, кој и лани се интересираше за овој фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА