Челси победи во трката по Кунде, Барса има „план Б“

Челси е на добар пат да го осигура и второто засилување за одбраната во овој преоден рок (по Калиду Кулибали од Наполи), откако лондонскиот клуб влезе во завршна фаза од преговорите со Севилја за Жил Кунде. ФРанцускиот репрезентативец беше поврзуван со Челси и во текот на изминатите 12 месеци, а летово ситуацијата се искомпликува откако Барса тргна во офанзива за негов ангажман, договарајќи ги личните услови со фудбалерот.

Каталонците сепак не успеаја да се договорат со Севилја, испраќајќи понуда само за позајмица, не и за перманентен трансфер, по што газдите на Челси влегоа на сцената и ги договорија деталите.„Сините“ му понудија на Кунде повисока плата од онаа на Барселона, додека до Севилја беше испратена понуда од 55 милиони евра, што шпанскиот клуб би требало да ја прифати во наредните 24 часа. Кунде ќе потпише петгодишен договор со Челси и ќе треба да го надополни заминувањето на Кристенсен, кој како слободен играч се пресели во Барселона.

Каталонскиот гигант ја продолжува потрагата по уште едно засилување за одбраната, а информациите од Шпанија говорат дека Лапорта има „план Б“ по откажувањето од Кунде. Станува збор за Ињиго Мартинез, одличниот дефанзивец на Атлетик Билбао кој начелно ја прифатил понудата околу личните услови. Проблем во моментов претставува фактот дека Атлетик инсистира на отштета од 60 милиони евра, но во Барса се оптимисти дека ќе успеат да најдат заеднички јазик и да го договорат пристигањето на Ињиго на „Камп Ноу“.

Се вчитува...