Челси по подолго време не беше активен на пазарот со ангажман на нови засилувања, но затоа лондонскиот клуб се обидува да се ослободи од дел од играчите на кои Покетино не смета сериозно за вториот дел од сезоната. Тотенхем се интересираше за Галахер, но одби да плати 80 милиони фунти колку што бараа „сините“, а високата отштета беше причина и за бавните преговори околу заминувањето на Армандо Броја, откако Челси инсистираше на 50 милиони фунти за играч кој речиси и да не настапуваше во Премиер-лигата во првиот дел од сезонава.
Ниту еден клуб не сакаше ни да чуе за плаќање на толкава отштета, па Челси почна да преговара и за позајмица, притоа инсистирајќи на клаузула за задолжителен откуп во текот на летото. Ниту тоа не вроди со плод, па на 24 часа пред истекот на преодниот рок Тод Боели повторно ја промени стратегија, настојувајќи по секоја цена да се ослободи од голгетерот кој настапува за албанската репрезентацијата.
Британските медиуми утрово објавија дека Челси сега бара само пет милиони фунти за позајмица до крајот на сезонава, без никакви клаузули во договорот. Ваквата опција им одговара на неколку заинтересирани клубови, па така Фулам и Вулверхемптон веднаш ги реактивираа преговорите со „сините“, а понуди најавија и неколку клуба надвор од Англија.
Останува да се почека разврската, но речиси сигурно е дека Броја до крајот на денов ќе си замине од „Стемфорд бриџ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА