На актуелниот светски и европски првак Челси му се заканува тотaлен колапс откако британската влада денеска донесе одлука со која се замрзнува имотот на Роман Абрамович, кој е посочен како близок соработник на Владимир Путин и лице кое директно учествувало во дестабилизацијата на Украина.
Утрово беше објавено дека е „замрзнато“ и функционирањето на Челси, а сега пристигнуваат и првите информации околу тоа што конкретно значи оваа мерка.
Имено, лондонскиот клуб ќе може да продолжи да функционира под специјална дозвола, но работата ќе биде далеку од нормална бидејќи ќе може да работи само со строго лимитирани ресурси. Челси нема право да комплетира трансфери на нови фудбалери, ниту пак да потпишува нови договори со актуените играчи. „Сините“ нема да можат ниту да продаваат производи со клупското лого, со што дополнително ќе бидат намалени приходите, а Челси веќе не смее да продава ниту билети за натпреварите, што значи дека средбите на клубот ќе можат да ги следат само оние кои имаат купено сезонски билети.
Лимитирани се и средствата што клубот може да ги потроши на едно гостување, на максимум 20.000 фунти по натпревар.
Најлошо од се е што е „замрзната“ и продажбата на клубот, па во услови на вакви санкции тешко е да се поверува дека на Абрамович ќе му биде дозволено да заработи околу три милијарди фунти, колку што Русинот бараше за продажба на Челси.
Во целата ситуација, најавено е и повлекување на главниот спонзор, телекомуникациската компанија “Three” која плаќа 40 милиони фунти по сезона за да се најде на дресовите на трофејниот клуб. Сепак, во ситуација кога е забранета продажба на дресови и целокупна опрема на Челси, сега челниците на компанијата сериозно размислуваат да се повлечат од договорот што го имаат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА