Фуриозниот крај на сезоната на Челси значеше и обезбедување на место во европските купови, „сините“ според пласманот требаше да бидат во Лигата на Европа, но откако Манчестер Јунајтед го освои ФА Купот им го зеде тоа место, па на лондонскиот премиерлигаш сега му следи учество во Конференциската лига на УЕФА.
Сепак, британските медиуми најавуваат дека клубот од „Стемфорд бриџ“ самиот ќе се откаже од настап во ова натпреварување, стравувајќи од санкции од УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј. Добро познато е дека „сините“ потрошија над една милијарда фунти откако Тод Боели го презеде клубот, а слабите резултати ги намалија приходите, што значи и прекршување на финансискиот ферплеј. „Сините“ веруваат дека го средија овој проблем со продажба на дел од инфраструктурата (тренинг-центарот и клупскиот хотел) на други компании што се сопственост на Боели, но УЕФА е многу поригорозна од Премиер-лигата на овој план.
Поради тоа, во Челси стравуваат дека учество во Конференциската лига би довело и до строга контрола на клупските финансии, што може да придонесе да биде изречена и суспензија од европските купови за наредните години од страна на УЕФА. Според медиумите на „островот“, тоа е причината поради која клупските директори планираат во наредните денови и официјално да го откажат учеството во Конференциската лига, со што би овозможиле новиот тренер целосно да се фокусира на настапите во Премиер-лигата. Слична спогодба со УЕФА лани направи и Јувентус, па лондонскиот клуб планира со истиот рецепт една година да апстинира од европските натпреварувања, наместо да ризикува подолга казна.
Доколку Челси се откаже од Конференциската лига, тоа место ќе му припадне на тимот на Њукасл.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА