Антонио Конте по елиминацијата од лига-купот на Англија се пожали дека нема преголемо влијание врз трансферите на Челси, а италијанскиот стратег ќе биде уште поразочаран откако клупските директори не успеаја да го договорат трансферот на Един Џеко од Рома. Босанскиот интернационалец се наоѓаше на врвот од листата со желби на Конте, но иако се најавуваше дека неговиот ангажман е договорен подоцна надежите паднаа во вода откако челниците на Рома јасно ставија до знаење дека понудата на лондонскиот клуб била далеку под нивните очекувања.
Згора на тоа, Челси нема да испраќа нова понуда откако „сините“ решиле наместо да тргнат со сите сили по Џеко, своето внимание да го насочат кон Оливие Жиру. Французинот е несреќен поради малата минутажа во Арсенал и Арсен Венгер му ветил дека ќе може да си замине доколку „топчиите“ го договорат Обамејанг, па сега Челси се обидува да ги договори деталите за негова позајмица до крајот на сезонава (со клузула за летен откуп на договорот).
Иако станува збор за искусен играч, јасно е дека Жиру не е голгетер што би можел да биде прв напаѓач на тим со шампионски амбиции, па повеќе од очигледен станува расколот меѓу управата и Конте, кој речиси сигурно на крајот од сезонава ќе си замине од „Стемфорд бриџ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА