Челси со двегодишна забрана за трансфери?

Истрагата на ФИФА за над 100 трансфери на млади фудбалери во академијата на Челси му се заканува на клубот со двегодишна забрана за трансфери. Веќе една година светската фудбалска организација спроведува истрага во лондонскиот клуб, почна од 25 трансфери, а сега бројката на спорни случаи е енормно зголемена. Се работи за трансфери на играчи помлади од 18 години кои потпишувале договори со академијата.

Според регулативата на ФИФА трансфер на младите играчи од една во друга земја е дозволен само ако родителите на тинејџерот независно се преселиле во конкретната држава.

Истражителите на ФИФА особено се интересирале за трансферот на фудбалерот од Буркина Фасо, Бертранд Траоре кој во клубот официјално дојде во 2014 година, но одиграл неколку натпревари за младинските категории кога имал 16 години. Според сознанијата на ФИФА, Челси за доаѓањето на Траоре им платил на неговите родители, на клубот во Буркина Фасо, а му ги платил и трошоци во училиштето каде одделот за фудбал го води поранешен играч на клубот.

Челси одби да ги коментира обвинувањата, но како што стојат работите во моментов, големи се шансите овој преоден рок да биде последен во кој лондонскиот клуб ќе може да пазари за 2019, но и за 2020 година.

 

Се вчитува...