Зад Челси е турбулентна премиерлигашка сезона во која „сините“ на крајот сепак со фуриозен финиш успеаја да обезбедат излез во фудбалска Европа. Токму затоа, изненадувачки делуваше одлуката на сопственикот Тод Боели да му врачи отказ на Маурицио Покетино и да избере нов тренер за наредната натпреварувачка сезона.
Веднаш беше ставено до знаење дека Боели воопшто не размислува за враќање на Тухел или Мурињо, а погледите ќе бидат ставени кон помлад тренер со помодерна фудбалска филозофија. Според последните информации, раководството на „сините“ сериозно размислува да го копира Арсенал, кој со ангажманот на Микел Артета доведе млад и перспективен стратег кој занаетот го учеше од Пеп Гвардиола.
Затоа, на врвот на листата на желби на Челси се наоѓа Енцо Мареска, поранешниот италијански фудбалер кој во 2022 година се вклучи во стручниот штаб на Пеп во Сити и таму мина една сезона, освојувајќи се што можеше да се освои со „граѓаните“. Мареска потоа се пресели во Лестер и го предводеше овој тим до титулата во Чемпионшип-дивизијата, внесувајќи ги „лисиците“ во Премиер-лигата.
Фактот дека тој има излезна клаузула од 10 милиони фунти од договорот со Лестер само го олеснува целиот процес, па според англиските медиуми Мареска во следните 48 часа ќе има завршна рунда преговори со Челси, по што ако не дојде до поголемо изненадување тој и официјално ќе ја преземе тренерската палка на „Стемфорд бриџ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА