Челси собира асови од СП: Договорен Головин, следен е Шмајхел

Челси имаше разочарувачка сезона, Антонио Конте си замина од клупата, негов наследник е Маурицио Сари, а се подготвува и ремонт во играчкиот кадар, се со цел експресно да биде составен тим што би атакувал на највисок пласман во Премиер-лигата.

Погледите на управата на лондонскиот клуб се насочени кон мундијалот во Русија, каде Роман Абрамович се обидува да го доведе својот сонародник Андреј Головин. Последните информации говорат дека рускиот милијардер успеал во својата намера, откако испратил понуда од 30 милиони фунти до ЦСКА Москва. Со оглед на фактот дека истата е за 10 милиони повисока од оние на останатите заинтересирани клубови, јасно е зошто ЦСКА без многу размислување ја прифатила истата. И Головин сака да заигра во Премиер-лигата и се согласил на трансферот во Челси, кој ќе се реализира по завршувањето на настапот на Русија на овој мундијал.

Следен на листата на желби на Челси е Каспер Шмајхел, шампионскиот голман на Лестер кој имаше и серија извонредни настапи за Данска на СП 2018. Куртоа речиси сигурно ќе си замине бидејќи следното лето станува слободен играч, а „сините“ во Шмајхел гледаат извонреден наследник на белгискиот ас. Подготвена е и понуда од 30 милиони фунти, која можеби ќе треба да биде и зголемена откако уште неколку клубови покажаа интерес за да го доведат Данецот во своите редови.

Се вчитува...