Давиде Запакоста е најновиот фудбалер на Челси кој го напушти актуелниот европски првак откако искусниот бек реши да ја продолжи кариерата во Аталанта. Калчолигашот е препознатлив по игра со офанзивни бекови, а тренерот Гасперини инсистираше токму на ангажман на Запакоста, кој кариерата ја почна во младинските категории на Аталанта, потоа настапуваше за оваа екипа во сезоната 2014/15 пред да биде продаден во Торино.
Запакоста не се снајде најдобро во редовите на Челси, каде во изминатите години беше далеку од првотимстки статус. Тој беше испраќан на позајмици во Рома и Џенова, но челниците на лондонскиот клуб инсистираа летово целосно да се ослободат од Запакоста. Аталанта најпрви испрати понуда за позајмица, но откако истата беше одбиена, тимот од Бергамо се согласи да ја плати отштетата од сумата од десет милиони евра што Челси ја бараше за офанзивниот бек.
Европскиот шампион летово го доведе Ромелу Лукаку за 110 милиони евра, но интересно е што „сините“ ја вратија оваа сума од продажбата на играчи на кои Томас Тухел воопшто не смета. Голем дел од нив заминаа во Италија, Теми Абрахам се пресели во Рома за 40 милиони евра, дефанзивецот Томори беше откупен од Милан за 28 милиони, а на „Сан Сиро“ се пресели и искусниот напаѓач Оливие Жиру. Дефазивецот Марк Гуехи беше продаден на Кристал Палас за 21 милион евра, а во текот на летово си заминаа и помалку важни играчи како Мозес, Бејт, Ливраменто…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА