Челси тргнува на „се или ништо“ по Осимен во јануари

Виктор Осимен е алката што недостига во тактичките замисли на Маурицио Покетино, а раководството на Челси ќе стори се што може за веќе во јануари да го доведе нигерискиот репрезентативец на „Стемфорд бриџ“. Лондонскиот клуб веќе инвестираше над една милијарда фунти откако Тод  Боели го презеде клубот од Роман Абрамович, но тимот игра катастрофално, допирајќи го дното со последниот пораз од Њукасл од 4-1.

Кристијан Нкунку наскоро ќе се врати на терените и ќе може да дебитира на „сините“, но Покетино инсистира и на ангажман на уште еден класичен голгетер, со Осимен како негов фаворит на листата со желби. Нигериецот ги надмина проблемите со повредата и викендов се врати во тимот на Наполи, асистирајќи му на нашиот Елиф Елмас при победничкиот гол против Аталанта во Бергамо. Иако навидум се смири бурата поради контроверзното видео со кое Осимен беше тема на потсмев на официјалните канали на социјалните мрежи на Наполи, извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој дефинитивно е решен да не потпише нов договор со италијанскиот шампион.

Ова сериозно ја компликува ситуацијата за претседателот Де Лаурентис, кој минатото лето одбиваше и 120 милиони евра надевајќи се дека со нов договор дополнително ќе ја крене цената на својот најдобар фудбалер. Актуелниот договор на Осимен истекува во јуни 2025 година, па во Челси се надеваат дека со 100 милиони фунти ќе успеат да ги убедат „наполитанците“ на „дил“, за овој 24-годишен фудбалер веќе во јануари да му се стави на располагање на Покетино.

Се вчитува...