Челси во незавидна позиција во ЛШ – Да се биде прв или втор во група за „полесен“ противник?

Англискиот шампион Челси обезбеди пласман во „топ 16“ по пет кола во групната фаза од Лигата на шампиони, но дуелот со Атлетико Мадрид на „Стемфорд бриџ“ ќе одлучи дали „сините“ ќе бидат во првиот или вториот шешир при извлекувањето за нокаут фазата. Менаџерот Антонио Конте е во дилема, Италијанецот мора да мисли што е најдобро за тимот, а најмногу го мачи како Челси има подобри шанси во нокаут фазата, ако се пласира во следната фаза како прва екипа во својата група или како втора најдобра.

„За мене најважно е што обезбедивме пласман за следната рунда. Не е важно дали ќе сме први на табела или втори, но ако одиме понатаму како првопласирана екипа имаме шанса да се соочиме со Реал Мадрид, Јувентус, Баерн Минхен. Сите тие се тешки противници, но засега не треба да размислуваме за тоа“, истакна Конте.

Едното сценарио вели дека доколку работите не се сменат во ниту една група и по последното коло Челси остане водечка екипа во својата група, може да се соочи со Реал, Јувентус, Баерн Минхен, Севилја.

Останатите англиски клубови имаат големи шанси да се пласираат во следната фаза како првопласирани екипи, па Челси ќе има дури и потешка ждрепка ако утре вечер загуби од Атлетико, а Рома оствари триумф на Карабак. Во тој случај евентуални противници на „сините“ ќе бидат Барселона, ПСЖ, Бешикташ.

 

Се вчитува...