Челси во „пол – позиција“ за потписот на Левандовски

Шпекулациите за иднината на напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски, не запираат и покрај тоа што во неколку наврати Полјакот демантираше дека ќе го напушти германскиот првак по оваа сезона. Познато е дека Реал Мадрид прв „чука“ на вратата на Баерн за услугите на неприкосновениот голгетер, но во трката за неговиот потпис се приклучи и се уште актуелниот англиски првак Челси.

Според британските медиуми, „сините“ од Лондон се во пол-позиција за ангажман на Левандовски, истите тврдат дека полскиот репрезентативец повеќе би сакал да заигра во Премиер – лигата, отколку да се пресели во Шпанија, поточно во Мадрид каде би го носел дресот на „кралскиот“ клуб.

Причината според која Челси е во идеална позиција да го откупи напаѓачот е поради пријателската врска помеѓу неговиот нов агент Пини Захави и Роман Абрамович, газдата на Челси, па медиумите од Островот сметаат дека рускиот тајкун сам ќе ги заврши преговорите за мега-ѕвездата да зачекори на „Стемфорд бриџ“.

Челси е во голгетерска криза откако Диего Коста се врати во редовите на Атлетико Мадрид. Ангажманите на Алваро Мората и Оливие Жиру и натаму не ги задоволуваат потребите, ниту на Конте, ниту на управата, а секако не ги задоволува навивачите тоа што има голем недостаток на погодоци.

 

Се вчитува...