Лино Червар ја искористи денешната прес-конференција во пресрет на натпреварот со Загреб за да го искаже својот став околу иднината на клупата на Македонија и информациите кои го поврзуваа со камбек на селекторската функција во Хрватска. Тој ги демантираше гласините дека самиот се понудил на Хрватската Ракометна Федерација за враќање на чело на „коцкестите“.
„Во овие неколку денови добив сигурно повеќе од стотина повици да кажам нешто околу тоа, но чекав прес-конференција да го искажам своето мислење. Имам 66 години и не сакам во овој момент од мојата кариера и во овие години некој со мене да се наддава, јас не можам да се менувам имам свој став и тоа сакам да кажам. Четириесет години сум тренер и денес мислам дека по прашањето на посветеноста со која работам не познавам некој кој тоа го работи подобро од мене. Да се нудам на Хрватска со 66 години тоа е срамотно, веројатно некој ме сака со сите тие медали, инаку мислам дека е понижување за мојата професија сам да се нудам. Осум години сум во Македонија. На оние кои ме почитуваат не треба да им објаснувам, а на оние кои не ме почитуваат, не можам ниту да им објаснам ниту да го променам нивното мислење. Нема некој кој може да ми го одземе правото да ја сакам моја прва татковина Хрватска и втората татковина Македонија. Македонија е мојот втор дом“ – изјави Червар.
Тој децидно ги демантираше гласините дека разговарал со претставници на Ракометната Федерација на Хрватска, најавувајќи лојалност кон актуелниот претседател на РФМ, Живко Мукаетов, како и кон првиот човек на Металург, Минчо Јорданов.
„Логично е дека моето име ќе се споменува во јавноста, но никогаш во ниту еден момент со Хрватска не сум имал службен разговор, затоа што го почитувам мојот клуб Металург и неговиот сопственик Минчо Јорданов, го почитувам и РФМ и претседателот Живко Мукаетов кој освен на репрезентацијата е и моја голема поткрепа. Додека не разговарам со мојот клуб и РФМ нема да зборувам за Хрватска. Ја почитувам Македонија и Федерацијата за да можам било што да превземам, тоа се луѓе кои ме поддржуваа и кои ќе ме поддржуваат и понатаму и морам да им се оддолжам со основна пристојност. Јас не кријам дека мојот дом е Хрватска, но мојот втор дом е Македонија и јас чувствувам обврска да и се оддолжам“– заврши Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА