Селекторот Лино Червар уште еднаш посочи дека македонскиот национален тим почнува нов олимписки циклус, истакнувајќи дека ова е само почеток на еден нов четиригодишен проект. Хрватот е задоволен што нашите противници на Македонија гледаат како на аутсајдер, но гласно порачува дека „црвено-жолтите“ ќе патуваат без бело знаме за Франција, во обид да остварат добар резултат.
„Присуството на голем број новинари е најдобар доказ за огромниот интерес за нашиот настап во Франција. Ова беа тешки подготовки, како во Маврово, така и во Скопје, морам да ги пофалам играчите бидејќи тренираа со многу ентузијазам и волја за докажување, да дадат се од себе за репрезентацијата. Немам никакви замерки на одработеното во изминатиот период. Ќе повторам, ова е нов пат, нов олимписки циклус, создавање на една нова репрезентација, која може да го оствари сонот – Олимписките Иrри. Не можеме веднаш да гарантираме големи резултати, мило ми е што на нас се гледа како на аутсајдери во групата заедно со Ангола. Стартната позиција не ни е ветувачка, но не сакам да бидам погрешно разбран, не одиме со бело знаме, ќе се бориме, верувам дека нашите играчи разбираат дека мора да се даде се од себе на секој натпревар. Мислам дека е добро да не се создава притисок врз играчите, бидејќи имаме голем број дебитанти. Нашиот притисок е да дадеме се од себе на секој натпревар. Ако дојдеме дома и слушнеме дека луѓето не ги гаселе телевизорите, туку биле со нас до самиот крај, тоа ќе биде успех сам по себе“ – изјави Червар.
Македонија одигра три контролни средби против селекцијата на БиХ, а Червар е задоволен од она што го виде од своите избраници на овие натпревари.
„Задоволен сум од контролите, пред се бидејќи ракометарите го прифаќаат она на што инсистирам – дека репрезентацијата е поголема од секој поединец. Она што го замислив во играта, засега сум задоволен. Одбраната ни стана поагресивна, можеме да играме плитка зона 6-0, но и длабока формација во дефанзива. Тоа го пробавме и сигурно ќе го играме и на СП, додека во нападот покрај „шест на шест“, ќе играме и „седум на шест“, да се подготвиме за противниците. Патуваме со 19 ракометари, а пред мечот со Тунис ќе го одредиме составот за првиот натпревар“ – истакна македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА